Интервју во Нова Македонија

Ден по завршувањето на 10 Смотра на СИМ, во дневниот весник  Нова Македонија  (бр.21.452, година: LXIV, втроник 29.7.2008 год) во додаток за мали и  големи деца  “Колибри“ излезе интервју со Началникот на  10 Смотра на СИМ, Ангелче Гушев. Интервјуто го водеше Марија Таушанска. Во продолжение го пренесуваме целото интервју….

Во националниот парк Маврово од 20 до 28 јули се одржа десеттата јубилејна Смотра на Сојузот на извидниците на Македонија, која беше интернационална и на неа учествуваа 500 извидници од нашата земја и од странство, од бивша Југославија, од Италија, Франција, Англија. Годинашното мото беше „Допри ги ѕвездите!“. Началникот на 10-та Смотра на СИМ беше Ангелче Гушев -Гуше, кој заедно со целиот штаб, направи се еднонеделната манифестација во Маврово на сите учесници и гости да им остане во убаво сеќавање.

Дали сте задоволни од текот и организацијата на смотрата?

– Се се одвиваше според планот и обемните подготовки што ги направи штабот на СИМ, со помош на многубројното членство во целата наша земја, иако лошите временски услови, ветерот и дождот што паѓаше два-три дена, малку ја нарушија програмата на десеттата Меѓународна смотра на извидниците на Македонија. На смотрата учествуваа претставници на сите извиднички одреди во земјава, пред се извидници на возраст од 11 до 18 години, како и многубројни скаути од странство, меѓу кои најмногубројни беа оние од земјите на некогашна Југославија, но имаше и претставници од други европски земји. Во контекстот на мотото на смотрата „Допри ги ѕвездите“ сите пет шаторски населби имаа имиња на соѕвездија: Касопеја, Голема Мечка, Рис, Змеј, Жирафа. Во организацијата и одржувањето на СИМ, освен покровителот Собранието на Македонија и Агенцијата за млади и спорт, многу ни помогна и Министерството за внатрешни работи, односно две негови единици, кои освен што ја обезбедуваа манифестацијата, учествуваа и во некои од активностите.
 
Кој се ви гостуваше покрај логорскиот оган?
– По програмските активности во текот на денот, секоја вечер беше посебна и имавме многу гости. На 24 јули македонски развигорци имаа можност да дојдат во Маврово и да запознаат нови култури на меѓународниот саем, а во саботата, 26 јули, гости ни беа ветераните, оние што пред 55 години биле извидници, кои во 1952 година го формираа Извидничкиот сојуз на Македонија, дедовци со вечно млад дух. На 25 јули на смотрата беше македонски ден, бидејќи на овој датум пред 11 години Македонија стана 188-та членка на Светската скаутска организација. Вечерта беа прикажани македонските играни филмови „Сенки“, „Пред дождот“ и „Шампионите од Шутка“, како и концерт на Тоше Проески, а настапи и фолклорното друштво „Вила Зора“ од Велес. На 26 јули концерт одржа Александра Пилева со својот бенд, а претходно пред извидниците пееше и кантавторката Наташа Мијатовиќ.
Во неделата беше изгасен логорскиот оган и беа симнати знамињата, какви се вашите планови за во иднина?
– Оваа смотра е круна на нашите долгогодишни подготовки и залагања, на долготрајно ангажирање, во чии рамки се трудевме се што правиме да биде во духот на извидништвото. Но, секако, дел активности ќе продолжат. Сите сме задоволни и веруваме дека бевме добри домаќини и навистина успеавме да ги допреме ѕвездите! А дождот, за среќа, не успеа да го изгасне извидничкиот пламен, кој гори во душата на сите млади луѓе. Низ дружењето и учеството во многубројните активности, низ почитувањето на природата и на човекот, македонските извидници покажаа дека го почитуваат принципот и на скаутизмот според кој и се лојални на својата земја и се што прават е во духот на меѓународното разбирање и соработка.

Беа организирани многу активности за скаутите поделени во четири групи – култура, извидништво, спорт и историја и традиција. Што привлече најголемо внимание?

– Активностите почнуваа од 7 часот наутро, а траеја до доцна во ноќта. Од оние што спаѓаа во групата култура внимание привлекоа различните начини на плетење јажиња, алки, правењето макети, а голем беше интересот за боди-арт, имаше интерес и за правење колажи од природни материјали, кукларство, а беше презентирана и француската култура, но и кулинарство. Извидништвото беше застапено со правење огништа, прехрана во природа, преживување, имаше и предавање за историјатот на скаутството, а во рамките на традицијата беа претставени македонските танци, инструменти, стари занаети низ посета на околните села, каде што беше демонстрирано и како се прави сирење. За посилниот пол најинтересни беа спортските активности, особено оние на вода (едрење, веслање, нуркање), а се играа и фудбал и одбојка, имаше организирано натпревар во стреличарство и качување на карпа. Надвор од програмската шема беа организирани хајкови: дводневен, ноќен, маунтајн бајк и хајк за преживување, а беше организирана и еднодневна посета на Охрид и на Крушево.
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
Покрај интервјуто со Началникот на Смотрата, дневниот весник “Нова Македонија“ ги пренесе и следните информации:
 
 
 ИЗВИДНИШТВОТО СЕ ЖИВЕЕ…
Да се опише какво е чувството да бидеш извидник во неколку збора е навистина тешко. Пред се извидништвото се живее и секој долгогодишен извидник ќе ви каже дека не треба да бидеш извидник само во текот на викендите, туку тоа треба да биде твојот начин на живот. И едно е сигурно, не можете да бидете извидник а да не ја сакате природата, да не се грижите за неа и да не сакате да живеете со неа.
Нам, на извидниците, во природа ни е убаво и секогаш имаме друштво. Па и кога врне, знаете ли како е да се слушаат капките дожд како паѓаат врз шаторот? Колку е убаво да се седи околу логорскиот оган, во студеникава ноќ покрај река или езеро. Знаете ли како е да се дочека зората на стража? Или ли како е кога каде било во светот ќе забележите некого со извидничка марама околу вратот, му приоѓате како да го знаете со години. Шамиите се гордост на извидниците, но да се биде извидник е многу повеќе од кошулите, шамиите и беџовите.
Ако не знаете ништо од ова, тоа е ваша загуба. А ако сакате да станете мал извидник или развигорец, оние големите извидници со радост ќе ви помогнат и ќе ве научат на с* што знаат и што научиле и тоа секогаш ќе го прават со насмевка, зашто едно од начелата на скаутското движење во светот е да се биде добар човек!
 
 
ГИ ДОПРЕВМЕ ЅВЕЗДИТЕ 
Еве што рекоа некои извидниците од странство за еднонеделното дружење во Маврово.

Скаути од Србија:
Француски палачинки и македонско оро.
Изгледаше дека ништо нема да го расипе уживањето во Маврово кога дождот и ветерот малку го нарушија распоредот на активностите, оставајќи зад себе неколку превртени и покиснати шатори, но не го скрши духот на учесниците, кои своите активности ги преместија во трпезаријата. А таму се измешаа мирисите на француските палачинки, на разните бои, звуците на македонското оро и се изгледаше како една зовриена кошница. Но ѕвезденото небо и соѕвездијата, под кои беа поставени шаторските населби, како навистина да ни беа поблиски за време на неделата што ја минавме покрај Мавровско Езеро.

Скаути од Франција:
Разликите не зближуваат

Со патувањето во Македонија, Маврово, Крушево, Охрид и селата, се запознавме со културата на оваа преубава земја, со традициите, начинот на живот. За сето тоа да биде уште поколоритно тука е музиката, ритамот, можноста за дружење. Со скаутството ние го запознаваме целиот свет и секој ден дознаваме нешто ново и различно од претходното, што не разликува, но и не зближува со другите.

 
 
Скаути од Англија:
Незаборавно дружење 
 
Првиот впечаток од нашиот престој во извидничкиот камп во Маврово беше дека тој е многу различни од оние во Велика Британија. Секако, тоа за нас е интересно, а посебно поради богатството на програмата, која нуди навистина интересни содржини и можности секој да пронајде нешто за себе, почнувајќи до 7 часот наутро, па се до легнувањето во 11 часот. Можевме да избираме меѓу спортски активности, посети на градови и села, до набљудување ѕвезди, снаоѓање во природа, навигација и друго. Навистина впечатливо и незаборавно дружење.
 
 
И за крај…..
НАЈМАСОВНА СВЕТСКА МЛАДИНСКА ОРГАНИЗАЦИЈА 
Денеска во светот има повеќе од 25 милиони извидници, а минатата година беше прославена 100-годишнината на Скаутското движење во светот. Во повеќе од 200 држави има извиднички организации, а во последните 20 години бројот на членовите е двојно зголемен. Значи бројот на извидниците во светот постојано расте и токму поради тоа Скаутското движење е најмасовната светска младинска организација.
Скаутското движење е дефинирано како доброволно, неполитичко, образовно движење за млади луѓе, отворено за сите без оглед на потеклото, расата или верата.
Но скаутизмот е и образовно движење. Во поширока смисла на зборот, образованието може да се дефинира како процес што тежнее кон комплетен развој на човековите способности. Затоа скаутизмот мора јасно да биде одделен од чисто рекреативните движења. И покрај важноста на рекреативните активности, тие сепак се замислени како средства за да се постигне одредена цел. Образованието исто така мора да биде одделено од процесот на добивање посебно знаење или вештина. Тоа опфаќа развој на менталните способности „научи да знаеш“ и „научи да бидеш“, додека процесот на добивање посебни знаења или вештини е познат како „научи да работиш“ и, најважно од се, односно како спој на овие два императива основачот вели: „Најважната цел на скаутското вежбање е -да се учи, не да се даваат инструкции туку да се учи т.е. да се натера скаутот да учи за себе, за своите сопствени желби“.
Кај своите членови развива позитивни особини како што се работливост, другарство, искреност, скромност, истрајност, снаодливост, храброст и др. Развива разбирање и љубов кон природата и учи на чување и негување на флората и на фауната, а тоа значи и вклучување во сите акции за зачувување на човековата околина. Поттикнува интерес и склоност за тековите на науката, техниката, културата и спортот. Придонесува за корисно исполнување на слободното време на децата и на младите и нивна рекреација.
 
 
www.novamakedonija.com.mk
 

Напишете коментар

Вашата е-маил адреса нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени *

*

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.