Ден по завршувањето на 10 Смотра на СИМ, во дневниот весник Нова Македонија (бр.21.452, година: LXIV, втроник 29.7.2008 год) во додаток за мали и големи деца “Колибри“ излезе интервју со Началникот на 10 Смотра на СИМ, Ангелче Гушев. Интервјуто го водеше Марија Таушанска. Во продолжение го пренесуваме целото интервју….
Дали сте задоволни од текот и организацијата на смотрата?
– Се се одвиваше според планот и обемните подготовки што ги направи штабот на СИМ, со помош на многубројното членство во целата наша земја, иако лошите временски услови, ветерот и дождот што паѓаше два-три дена, малку ја нарушија програмата на десеттата Меѓународна смотра на извидниците на Македонија. На смотрата учествуваа претставници на сите извиднички одреди во земјава, пред се извидници на возраст од 11 до 18 години, како и многубројни скаути од странство, меѓу кои најмногубројни беа оние од земјите на некогашна Југославија, но имаше и претставници од други европски земји. Во контекстот на мотото на смотрата „Допри ги ѕвездите“ сите пет шаторски населби имаа имиња на соѕвездија: Касопеја, Голема Мечка, Рис, Змеј, Жирафа. Во организацијата и одржувањето на СИМ, освен покровителот Собранието на Македонија и Агенцијата за млади и спорт, многу ни помогна и Министерството за внатрешни работи, односно две негови единици, кои освен што ја обезбедуваа манифестацијата, учествуваа и во некои од активностите.
Беа организирани многу активности за скаутите поделени во четири групи – култура, извидништво, спорт и историја и традиција. Што привлече најголемо внимание?

Нам, на извидниците, во природа ни е убаво и секогаш имаме друштво. Па и кога врне, знаете ли како е да се слушаат капките дожд како паѓаат врз шаторот? Колку е убаво да се седи околу логорскиот оган, во студеникава ноќ покрај река или езеро. Знаете ли како е да се дочека зората на стража? Или ли како е кога каде било во светот ќе забележите некого со извидничка марама околу вратот, му приоѓате како да го знаете со години. Шамиите се гордост на извидниците, но да се биде извидник е многу повеќе од кошулите, шамиите и беџовите.
Ако не знаете ништо од ова, тоа е ваша загуба. А ако сакате да станете мал извидник или развигорец, оние големите извидници со радост ќе ви помогнат и ќе ве научат на с* што знаат и што научиле и тоа секогаш ќе го прават со насмевка, зашто едно од начелата на скаутското движење во светот е да се биде добар човек!
Скаути од Србија:
Француски палачинки и македонско оро.
Изгледаше дека ништо нема да го расипе уживањето во Маврово кога дождот и ветерот малку го нарушија распоредот на активностите, оставајќи зад себе неколку превртени и покиснати шатори, но не го скрши духот на учесниците, кои своите активности ги преместија во трпезаријата. А таму се измешаа мирисите на француските палачинки, на разните бои, звуците на македонското оро и се изгледаше како една зовриена кошница. Но ѕвезденото небо и соѕвездијата, под кои беа поставени шаторските населби, како навистина да ни беа поблиски за време на неделата што ја минавме покрај Мавровско Езеро.
Скаути од Франција:
Разликите не зближуваат
Со патувањето во Македонија, Маврово, Крушево, Охрид и селата, се запознавме со културата на оваа преубава земја, со традициите, начинот на живот. За сето тоа да биде уште поколоритно тука е музиката, ритамот, можноста за дружење. Со скаутството ние го запознаваме целиот свет и секој ден дознаваме нешто ново и различно од претходното, што не разликува, но и не зближува со другите.
Скаутското движење е дефинирано како доброволно, неполитичко, образовно движење за млади луѓе, отворено за сите без оглед на потеклото, расата или верата.
Но скаутизмот е и образовно движење. Во поширока смисла на зборот, образованието може да се дефинира како процес што тежнее кон комплетен развој на човековите способности. Затоа скаутизмот мора јасно да биде одделен од чисто рекреативните движења. И покрај важноста на рекреативните активности, тие сепак се замислени како средства за да се постигне одредена цел. Образованието исто така мора да биде одделено од процесот на добивање посебно знаење или вештина. Тоа опфаќа развој на менталните способности „научи да знаеш“ и „научи да бидеш“, додека процесот на добивање посебни знаења или вештини е познат како „научи да работиш“ и, најважно од се, односно како спој на овие два императива основачот вели: „Најважната цел на скаутското вежбање е -да се учи, не да се даваат инструкции туку да се учи т.е. да се натера скаутот да учи за себе, за своите сопствени желби“.
Кај своите членови развива позитивни особини како што се работливост, другарство, искреност, скромност, истрајност, снаодливост, храброст и др. Развива разбирање и љубов кон природата и учи на чување и негување на флората и на фауната, а тоа значи и вклучување во сите акции за зачувување на човековата околина. Поттикнува интерес и склоност за тековите на науката, техниката, културата и спортот. Придонесува за корисно исполнување на слободното време на децата и на младите и нивна рекреација.
