Општината ја почна постапката за измени и дополнување на Генералниот урбанистички план на локацијата на Топилницата, со кој наместо тешка загадувачка индустрија, на просторот се предвидени зелени површини. Денеска на јавна расправа беше презентиран извештајот за оценка на влијанието на животната средина. Го подготви консултантската куќа Еко Мозаик. „Нашата цел беше од се што досега е сработено во врска со Топилницата, анализи, испитувања, научни трудови, се во врска со тој простор и околината што ја опфаќа екс Топилницата, да извлечеме заклучоци и цели за заштита на животната средина и да ги дадеме на планерите кои ќе ги направат тие измени и дополнувања на планот, рече Славјанка Андонова, консултант. Постапката за измени и дополнување на Гупот за Топилницата општина Велес го прави во согласност со законските процедури. Нејзин следен чекор ќе биде да ги прибере мислењата и забелешките од сите засегнати страни. „Овој процес е многу комплексен, ние веќе две третини од постапката имаме изодено, сепак одлуката за соодветноста на стратегиската оценка за влијанието врз животната средина ќе ја даде министерството за животна средина, рече Билјана Шуркова Манаскова, инспектор за екологија.
На денешната јавна расправа (21.12.2012 год – петок) за измени и дополнување на ГУП-от беше присутен и претставник на Метрудхем, фирмата сопственик на Топилницата. Тој потсети дека сепак таму постои инсталација и побара да се дефинира целта за промена на планот, пред да се почне каква било постапка. „Дали ние утре ќе почнеме таму со работа или не е сосема ирелевантно. Што и да се прави на таа почва сетоа тоа што сте го разработиле тука треба да се направи. Таа треба да се доведе до една состојба да биде безбедна од загадување. Тоа што е направено во историјата е направено. Каков било чекор да се преземе мора да се деконтаминира се”, рече Александар Билбилов. Велешките екологисти во името на сите граѓани уште еднаш му порачаа на сопственикот на Топилница дека повеќе не ја сакаат во градот. „Во иднина наова место треба да нема тешка и загадувачка индустрија која ќе претставува опасност по здравјето на велешани, затоа апсолутно се согласуваме оваа парцела да биде претворена во зелени површини. Сопственикот да ја исече, и да ја дислоцира, рече Ненад Коциќ, ЕД Вила Зора. Екологистите им порачаа дека тие заедно со општината ќе најдат фирма која ќе ја дислоцира старата инсталација. Сепак конечната одлука што ќе се прави со Топилницата ќе ја донесе министерството за животна средина. На јавната расправа од страна на извиднички одред “Димитар Влахов“ присуствуваше , Ангелче Гушев.