Проектот на Фондацијата „фокус“ и волонтерите од Мировниот корпус „Зачувај не уништувај“, започна и практично да се реализира на две локации во Велес – Детскиот забавен парк „Дизни“ на ул. „Благој Ѓорев“ и Детскиот забавен парк „Тунел“. Волонтерите на фондација „Фокус“, Мировниот корпус и Извидничкиот одред „Димитар Влахов“ заедно со Градоначалникот Горан Петров работеа на поправка и боење на урбаната опрема. Општина Велес ја препозна добрата идеја и добрата намера да и се помогне на заедницата не само со поправка на забавните паркови за деца, со боја и материјали, туку да и се помогне во промена на односот кон опремата што е поставена за да им користи на граѓаните. Името на проектот „Зачувај, не уништувај“ доволно говори за целта на проектот и за испратената порака. Општина Велес оптимистички гледа на овие проекти и секогаш ќе ги поддржува. Акцијата се очекува да продолжи на пролет и да се поправат и да ги стават во функција сите забавни паркови во општината. До сега општината за оваа намена обезбеди материјали и боја за околу 30.000 денари.