Во организација на нашиот Сојуз на Извидници, беше одржан семинар за застапување од програмата АГОРА, поддржан од Институтот Отворено Општество и поддржан и спонзориран од USAID кој беше реализиран во периодот од 8- 10ти февруари 2013 година во извидничкиот дом во Катлановска Безница. На овој тренинг учество земаа два членови од извидничкиот одред “Димитар Влахов“ – Велес и тоа Мартин Јошевски и Бојан Миклош. Целта на овој семинар пред се беше младите да научат да застапуваат односно да се самозастапуваат во рамките на Сојузот на Извидници, а и надвор од него. На овој семинар се обработуваа теми од типот на: “Стереотипи и предрасуди”, “Застапување и Самозастапување”, “Тимска Работа” , “Идентификација на проблемите на младите” итн. Овој семинар вроди со очекуваниот плод, а тоа е дека нашите извидници научија да се самозастапуваат. Исходот од овој семинар е следниот:
-разгледувајќи ја проблематиката “Промоција на Извидништвото” нашите извидници решија во најскоро време да продолжат со застапување на овој проблем. Со други зборови група млади од Сојузот на Извидници кои учествуваа на овој семинар ќе одат во Битола каде што ќе го промовираат извидништвото и ќе гледаат да заинтересираат што е можно повеќе млади. Најголема цел е да се рестартира постоечкиот битолски извиднички одред.
-разгледувајќи ја проблематиката “Чист воздух и подигање на свеста на граѓанинот” извидниците дојдоа до идеја да организираат “Зелен Марш” на кого ќе привлечат голем број на луѓе истомисленици, за подигање на свеста на граѓаните и намалување на користењето на моторни возила, почесто користење на велосипеди, градски превоз, одење пеш…
Овој семинар беше прв од низата семинари кои ќе се одржуваат во текот на наредните месеци во Охрид, Струга, Свети Николе…