Издаваштво

 

Прирачник со кратки и практични совети
“ВОДАЧ НА ПАТРОЛА”

… патролата е група од 6 до 8 извидници, изедначени по старост и пол. Водачот ја води групата, ја организира работата и за својата работа е одговорен сам на себе, на членовите на патролата, своите родители и на водство на својот одред. Вака некако треба да бидат поставени основните правила за водење на патролата. Досега во нашиот сојуз на извидници, водачите на патроли својата работа ја оргнизираа врз основа своите одредски традиции, сознанијата добиени од постени школи за водачи организирани по различни критериуми и стандарди. Со донесувањето на Глобалната стратегија за обука на кадри во СИМ се создаде еден унифициран и униформен начин на обуката на водачите. Но сепак оваа стратегија никако да заживее во одредите. Причината ја гледам во немањето на квалитетен пишан материјал, преку кои ќе се врши едукација на ВОДАЧОТ. Но ете за среќа се појави и првиот пишан прирачник за обука на водачите, кој што на некој начин е и работен по Глобалната стратегија за обука на кадри во СИМ. Овој прирачник како дел од името на самиот почеток носи наслов ” кратки и практични совети” , со што самиот автор Проф. Ангел Гушев – Гуше сака да прикаже што значи да се биде водач и проблемите на кои наидуваат водачите при самото работење со патролата. Во овој прирачник авторот несакајќи да ниже рецепти за водење, кратките практични совети ги дава како запис на клучни зборови, каде што на видно место е запишана средната мисла, насловот на темата. Таквиот начин на пишување е од голема помош за памтењето затоа, што практичниот совет може да се вклучи во суштината на проблемот. Но на крајот треба да се каже дека овој прирачник никогаш немаше да ја види светлината на денот, доколку не постоеше соработката на извидничкиот одред ” Димитар Влахов ” со Институтот за Трајни Заедници односно вклучувањето во Програмата за Демократска соработка II, која што одвои средства за издавањето на овој прирачник кој што ќе биде од голема корист при водењето на сите водачи во Република Македонија. Сите заеднички да им изразиме јавна благодарност. 
 
 

 

Извидничка ревија
“ИЗВИДНИЧКИ РЕПОРТЕР”

Со одлука на старешинството на одредот, на 15.12.1997 година започнува да се издава извидничката ревија “Извиднички репортер”. Оваа ревија покрај информативен има и едукативен карктер, затоа што во нејзе се обработуваат теми од извидништвото, екологијата, флората и фауната и текстови со воспитно – образовен карактер. Репортерот го добиваат голем број на извидници на Балканот, а воедно истиот е признат и од Народната и универзитетска библиотека “Св. Климент Охридски”.
Во време кога во Сојузот на извидници на Македонија веќе долго време нема информативно гласило, Старешинството на извидничкиот одред “Димитар Влахов” од Велес покренува иницијатива за раѓање на една извидничка ревија која го носи името ” ИЗВИДНИЧКИ РЕПОРТЕР” .
Нашата идеја е да оваа извидничка ревија ја доведеме на ниво на квалитет кој ќе ги задоволува сите европски стандарди но, за да го постигнеме тоа, ќе ни треба помошта и соработката на сите Вас, како наши соработници. А секако, за таа цел имаме редакциски простор кој што е опремен со телефонски и факс приклучок, персонален сметач и приклучок на глобалната информациска мрежа.
Зошто и го дадовме името “ИЗВИДНИЧКИ РЕПОРТЕР” ?
Па, извидници сме, нели ? . А репортер …. означува дека ќе работиме секогаш во интерес на вистината, за се она што се случува во нашата земја, а и надвор од неа, на полето на извидничките активности се разбира.
Иако не сме професионалци, ќе се потрудиме да работиме како нив, затоа што сакаме да Ви овозможиме брза и квалитетна информација, а можете да бидете сигурни, дека сето тоа го заслужувате…..Вие, а и Ние…
Отворени сме за соработка со секого и високо ќе го цениме секој покажан интерес од ваша страна. Очекуваме ваши информации, дописи, репортажи и се што мислите дека е вредно, интересно и заслужува внимание на останатите членови од нашата организација.