Одбиена е жалбата на општина Велес и Зелената коалиција пред скопска Апелација. Сега велешани со ревизија пред Врховен суд ќе докажуваат зошто сметаат дека државата е одговорна за три децениското загадување на Велес од Топилницата. Градоначалникот и Зелената коалиција рекоа дека не се откажуваат да ја докажат вистината туку ќе продолжат пред македонското судство да ја бараат правдата за велешани и за својот град.
„ Без оглед на се судската постапка ја продолжуваме заедно, сите тужители, значи со Зелената коалиција. Следниот чекор што ќе го превземеме е ревизија до Врховниот суд. Во тек е подотовката на ревизијата со сите документи и докази што ги имаме. Јас ценам дека врз основа на сите тие докази и сознанија кои што се од научна природа, значи имаме студии и испитувања од релевантни стручни лица од Македонија и од странство, ќе докажеме пред Врховниот суд дека сме во право и дека она за што се залагаме со децении ќе добие конечна и позитивна судска разрешница,“ рече градоначалникот Горан Петров.
Во жалбата пред Апелацискиот суд, како и во тужбата пред судот во Велес, тужителите бараа државата да признае дека Топилницата триесет години загадуваше и да забрани повторно рестартирање на фабриката, со ремедијација да ја исчисти загадената почва, до 60 сантиметри во длабочина и да ја отстрани депонијата со троска од локацијата, позади фабриката.
„ Ние сакаме да го докажеме она што ни се случуваше цели триесет години, да спречиме тоа да ни се повтори и грешката од Велес да не се повтори на друго место во Македонија. Врувам дека ќе ја докажеме вистината и дека правдата ќе победи. Со тоа ќе заврши една темна страна од историјата на овој град. Се надеваме дека идат поубави денови во кои ќе почне процесот на вложување во екологија и пред се во заштитата и здравјето на велешани,“ рече д-р Ненад Коциќ од Зелената коалиција на Велес.
Постапката на докажување на правдата пред македонските судови ќе продолжи а тоа ќе донесе нови трошоци за општината. Градоначалникот Петров рече дека нема да има проблеми со плаќањето кое е неизбежно во водењето на постапката. Нареднава недела ќе биде одржана и седница на Одборот за спас на Велес од Топилницата.
Превземено од www.duma.mk