Почитувани,
годината која што заминува беше полна со предизвици и голем број на активности. Во оваа 2011 година ги одработиме Школа за водачи на патроли и јата “Зелениот еди 12“, 26 Средби на извидници, учествувавме на 8 Смотра на извидници на Србија во Шабац, каде што прославивме 100 години извидништво на Балканот. Четири дена пловевме со Вардарската рега “Гемиџии“, учествувавме на голем број на одредски натпревари каде што бевме први, учествуваме уште и на многу други активности кои што се во рамките на неформалното образование на младите, се вклучивме во Европската мрежа за превенција од насилство на децата и младите, се боревме против рестартирањето на Топилницата заедно со Зелената коалиција го поведовме градот во првата еколошка револуција, пошумувавме, помагавме, работевме, информиравме, позитивно критикувавме… работевме на промоција на туристичкиот потенцијал на Вардарскиот плански регион… волонтиравме и го поддржувавме волонтерското работење …. се појавивме и на светскиот информативен сервис Ал Џазаира, а имавме и средба со Претседателот на РМ, г-дин Ѓорѓе Иванов. Началникот на нашиот одред Благој Ѓорчевски во оваа 2011 година се вклучи во координативното тело за следење на имплементацијата на Акцискиот план на Општина Велес кој е дел од локалната Младинска стратегија 2012/2016 за Општина Велес
Од нашиот одредски редови во оваа 2011 година произлезе и старешината на СИМ, со што докажуваме дека секогаш во нашите одредски редови се обучуваат раководни кадри. Во годината која што доага влегуваме во шестата деценија од постоењето на извиднички одред “Димитар Влахов“… почнуваме со подготовките за прослава “60 години извидништво во Велес“ … ја подготвуваме официјалната химна на одред… одредското радио.
А во новата 2012 година повторно ќе останеме на определбата за воспитување и образование на младите од Велес преку реализирањето на нашата одредска програма и младинската програма на СИМ се со цел да придонесеме во образованието на младите луѓе низ систем на вредности засновани врз Извидничкиот Завет и Закони, да помогне во изградба на подобар свет, каде што луѓето се самоисполнети како индивидуи и имаат конструктивна улога во општеството. Ке продолжиме со активности кои што извидништвото го прават современо, атрактивно и самоодржливо кое ќе ги обединува млади луѓе преку неговите привлечни и динамични работни активности.
Сакам да се заблагодарам на сите извиднички одреди за коректната и максимално добрата соработка со нашиот одред. Покрај ова сакам да се заблагодарам на сите институции кои безрезервно ни дадоа поддршка во реализацијата на сите програмски активности кои беа реализирани од наша страна.
И за крај, старешинството и советот на водачи на извидничкиот одред “Димитар Влахов“ од Велес на сите членови на извидничката организација во Македонија, на сите родители, на сите пријатели и поддржувачи на извидничкото движење, им ги честита Божикните и Новогодишните празници.
Нека ни е честита Новата 2012 година. Да живее Велес, да живее Република Македонија да живее извиднички одред “Димитар Влахов“.
Старешина на ИО “Димитар Влахов“
Ангелче Гушев