Извидниците од Велес положија цвеќе на гробот на Панко Брашнаров

Членовите на извидничкиот одред “Димитар Влахов“ – Велес,  Анита и Димитар Јорданови на 27.3.2014 год. (четврток) го посетија гробот на Панко Брашнаров  кој се наоѓа на градските гробишта “Мирогој“ во Загреб каде положија и свежо цвеќе . Панко Брашнаров (познат и како Панко Брашнар 9 август 1883 –  13 јули 1951  беше македонски комунист, член на првиот Централен комитет на ВМРО (Обединета) и потпретседател на Президиумот на АСНОМ. Поради поддршка на Резолуцијата на Информбирото е уапсен и испратен на Голи Оток, каде набрзо умира како најстариот затвореник по основа на Информбирото кој починал во затвор. Брашнаров е уапсен на 11 декември 1950 година и на 29 јуни 1951 е осуден на „општествено полезна работа во траење од 24 месеци.“ Во првите денови од јули е испратен во логорот на Голи Оток, каде што набрзо на 13 јули, умира. По окупацијата на Македонија од страна на Бугарија во текот на Втората светска војна, Брашнаров  станува учител и предавал на македонски јазик, а од 1943 година се поврзува со партизаните. Во мај 1944 година преминува на слободна територија и станува член на Иницијативниот одбор за свикување на АСНОМ. Како најстар делегат го отвора Првото заседание на АСНОМ. На него е избран за потпретседател на Президиумот на АСНОМ. На 6 август е избран за повереник за информации во Президиумот на АСНОМ.

По ослободувањето на Македонија, на 26 ноември, во ослободеното Скопје, на Првата конференција на Народноослободителниот фронт на Македонија е избран за негов потпретседател. Реизбран е во Президиумот на АСНОМ на Второто заседание на АСНОМ во декември 1944 и на Третото заседание во април 1945 година.
60 години не се знаеше каде се погребани неговите посмртни останки. Во септември 2011 година, новинарска екипа на емисијата КОД, составена од новинарите Владимир Тевчев и Александар Кукулев и снимателот Данчо Стефков успеа да го пронајде гробот на Панко Брашнаров. Закопан е на градските гробишта Мирогој во Загреб – Република Хрватска. Неговите посмртни остатоци доживеале две есхумации. Во 1953, две години по неговата смрт на Голи оток, тој е погребан на загребските гробишта. Во 1971 година е есхумиран во заедничка гробница, во близина на првото гробно место, а во почетокот на осумдесеттите, неговите коски, заедно со коските на уште неколкумина негови современици се преместени на необележана гробна парцела, на крајот на гробиштата. По објавувањето на телевизиската сторија на националната Канал 5 ТВ, државата најави враќање на посмртните остатоци на Панко Брашнаров во Македонија.

                              

Напишете коментар

Вашата е-маил адреса нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени *

*

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.