Во периодот од 13.08 до 19.08.2026 година, во Извидничкиот центар “Голозинци“, се одржа првиот дел од Школата за Водачи ’26. На школата учествуваа членови од повеќе извиднички одреди: ИПО “Јадран’’ , ИПО “Крсте Јон’’ , Прв Скопски Извиднички Одред, ИО ,“Гоце Делчев“ , ИО “Методиј Митевски-Брицо“ ИО “Мирко Милевски“ , ИО “Феникс“ и СИМ, меѓу кои и членовите Марија Стефановска и Тамара Димовска од ИО “Димитар Влахов“ – Велес. Во текот на школата учесниците имаа можност да се стекнат со нови знаења, вештини и искуства преку бројни сесии и практични активности. Дел од темите на кои се работеше беа ликот и улогата на водачот, духовноста, прва помош, правилна подготовка за хајк, изработка на програма, подготовка и реализирање на презентација, како и начинот на кој еден водач треба да комуницира и да работи со својата група. Посебно внимание беше посветено на практичната работа. Учесниците беа поделени во групи и добиваа различни задачи и предизвици кои требаше заеднички да ги решаваат. На тој начин имаа можност да ја почувствуваат одговорноста што ја носи улогата на водач, но и да научат колку се важни тимската работа, комуникацијата, довербата и меѓусебната поддршка.
Една од поважните активности беше хајкот до село Лисиче, кај манастирот “Св. Петка“, каде учесниците имаа можност практично да ги применат стекнатите знаења. За време на хајкот беа поставени предизвици кои требаше да ги исполнат во своите групи, а истовремено требаше да ги почитуваат правилата за безбедно движење и однесување во природа. Активноста им овозможи да се соочат со различни ситуации и да научат како правилно да се снајдат и функционираат како тим во природна средина. Голем дел од сесиите беа реализирани и од искусни извидници и водачи, меѓу кои и членови на ИО “Димитар Влахов“. Бојан Миклош одржа сесија на тема „Способност и комуникација во тим/група“, преку која учесниците работеа на подобрување на комуникацијата и соработката во група. Иван Гушев одржа сесија на тема “Правилно униформирање“, на која учесниците се запознаа со правилното носење на извидничката униформа и нејзиното значење. Покрај стекнувањето нови знаења, школата беше можност и за запознавање со други извидници, создавање нови пријателства и размена на искуства. Секој ден носеше нови задачи, предизвици и ситуации од кои учесниците можеа да научат нешто ново.

За Марија Стефановска и Тамара Димовска, учеството на Школата за Водачи ’26 претставуваше значајно извидничко искуство. Преку сите активности, сесии, практични задачи и заеднички предизвици, тие имаа можност подобро да разберат што значи да се биде водач и колкава одговорност носи водењето на една извидничка група. Школата им покажа дека добриот водач не е само оној кој знае да ја води групата, туку и оној кој знае да слуша, да комуницира, да помогне и заедно со своите членови да ги надминува предизвиците. Најголем впечаток остави токму можноста сето она што се учеше на сесиите да се примени во пракса, создавајќи искуство кое ќе им биде значајно и во нивното понатамошно извидничко работење.

