Средба со претставниците на мобилниот ресусрсен центар

На 19 март 2024 година, во салата на Советот на општина Чашка, преставниците на извиднички одред “Димитар Влахов“ од Велес Ангелче и Жаклина Гушеви и локалните организации од оваа општина се информираа за актуелностите за развој на граѓанското општество на локално и национално ниво, можностите за финансирање и јакнење на граѓанските организации, можностите што ги нуди Граѓанскиот ресурсен центар, ЕУ агендата и други теми и прашања кои се од интерес за функционирањето на организациите на локално ниво. Посетата беше спроведена во рамки на посетите на Мобилниот ресурсен центар чија цел е Граѓанскиот ресурсен центар да се доближи до локалните организации во различните општини и региони и да поразговара за потребите и предизвиците со кои се соочуваат организациите во своето работење.  Организациите ги споделија предивизиците со кои се соочуваат во текот на своето дејствување. На национално ниво предизвиците кои ги истакнаа главно се однесуваа на начинот на кој минатата година беше менаџиран изборот на грантисти од страна Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците, но и на тоа дека е намалена соработката со Одделението за соработка со невладините организации при Генералните секретаријат на Владата. Предизвиците со кои организациите од Чашка се соочуваат на локално ниво главно се поврзани со тоа што во оваа општина постојат некои, како што истакнаа: “формално“ формирани организации кај кои нема многу расположение за меѓусебна соработка“. Дополнително, како што рекоа присутните, кај некои организации се забележува и слаба транспарентност и видливост, отсликана преку тоа што дел од овие организации немаат веб страница или некој друг профил на социјалните мрежи, на кој би можеле да се најдат лице за контакт, телефон, е-маил или други контакт податоци преку кои би можеле да се контактираат самите организации.

Во текот на дискусијата, претставниците од Извидничкиот одред “Димитар Влахов“ од Велес го истакнаа своето задоволство од соработката со општина Чашка, потенцирајќи дека и покрај тоа што оваа организација е од Велес, дел од нивните простории и многу од нивните активности се во општина Чашка, заради подобрите услови за делување кои за нив ги обезбедила општина Чашка, во споредба со општина Велес. И другите присутни го истакнаа задоволството од нивната соработка со општината, особено во делот на финансиска поддршка за граѓанските организации од Чашка и Велес а за активности што се спроведуваат на територијата на општина Чашка.

Истиот ден, во просториите на општинската зграда беше одржана и средба со претставниците на Општина Чашка. Според нив, локалните организации имаат добра соработка со општината која што е отворена за соработка. Од општината информираа дека објавуваат јавен повик за доделување на материјална поддршка на спортски клубови, спортски здруженија и здруженија на граѓани кои вршат јавен интерес на територијата на општина Чашка. Освен од Чашка, за финансиска поддршка можат да се пријават и организации од Велес, за спроведување на активности во Чашка. Во општината немаат посебно лице одговорно за контакти со организациите но Одделението за локален економски развој го покрива и ова прашање. Дополнително, Општината е во процес на формирање на Локален младински совет, за што веќе биле започнати и информативни средби со релевантни чинители.

Извор: Извор: https://rcgo.mk

Напишете коментар

Вашата е-маил адреса нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени *

*

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.