Тужителите мегу кои е и извидничкиот одред “Димитар Влахов“ засега нема да ја повлечат тужбата против државата по тридецениското загадување предизвикано од велешката Топилница. Судот на последното рочиште ги отфрли резултатите од досегашните вештачења и донесе одлука домашни стручњаци одново да направат вештачење. Тужителите се свесни дека новото испитување на загаденоста со себе повлекува и дополнителни материјални трошоци, но велат дека нема да отстапат од тужбата.
„Единствено нешто што останува е да се договориме сите тужители како понатаму би постапувале доколку навистина се наметнат материјални трошоци. Во однос на прецизирањето на тужбеното барање, во однос на конкретното загадување кое би се утврдило сето тоа треба да биде преку институции кои ќе ги ангажира судот. Сите тие вештачења ќе чинат пари“, рече Горан Петров, претседател на одборот за спас на Велес од Топилницата.
Од тужбата против државата не отстапуваат ниту членовите на Зелената коалиција. Тие велат дека и понатаму ќе се борат дасе заштитат граѓаните на Велес од евентуалното рестартирање на Топилницата. За материјалните трошоци кои ги наметнува новото вештачење помош ќе бараат од советот на општина Велес и од а други институции.
„Ја имаме моќта да лобираме, ја имаме моќта на пријателствата и моќта на поддржувачите на зелената коалиција. Ќе апелираме до советот на општина Велес одреден дел финансиски средства од буџетот да отстапи на име на докажување на загадувањето.
Планираме во иднина и донаторска конференција и три големи сериозни донатори фондации кои веќе се одважија да му помогнат на Велес“ изјавија тужителите.
Велешкиот суд на последното рочиште на судскиот спор меѓу општината и државата, донесе одлука да се утврдат мерите и границите на парцелите, да се утврди сопственоста и да се измери колкава е загаденоста на истите. И сето тоа да го направат овластени домашни институции.