На 20.12.2021 год. (понеделник) во големата сала на Општина Велес се одржа Јавна расправа со претставници на здруженијата на граѓани за проектот „ReLOaD2“ – Регионална Програма за Локална Демократија во Западен Балкан, финансиран од Европската Унија. Во наредните три години, Општина Велес ќе учествува во овој проект, кој се спроведува од страна на Програмата за Развој на Обединетите нации (УНДП).
Главната цел на проектот е јакнење на партиципативните демократии и интегративниот процес во ЕУ на Западен Балкан преку јакнење на граѓанското општество со цел истото да земе активно учество во процесот на донесување одлуки на локално ниво. Претставниците на Општина Велес и на УНДП имаа можност преку дискусија со заинтересираните претставници на невладиниот сектор од Велес, на транспарентен начин
да ги дефинираат приоритетите на ниво на општина, кои ќе послужат како показатели за понатамошно реализирање на проектите.
Поддршката преку овој проект ќе го подобри квалитетот на услугите кон граѓанските организации, а истовремено ќе ги зајакне и релациите на општината со Европската Унија и УНДП. Од страна на извиднички одред “Димитар Влахов“ од Велес учесник беше Иван Гушев.