Анѓелче Гушев плови по Вардар 15 години. Како старешина на извидничкиот одред „Димитар Влахов“, тој е еден од предводниците на вардарската регата „Гемиџии“, манифестација што се одржува еднаш годишно. Најчесто се плови од Велес до Гевгелија, но годинава, од 20 до 26 јуни, современите гемиџии патуваа сѐ до Солун, рекреирајќи го трговскиот пат од 19 век, кога велешките стоки на овој начин стигнувале до големиот солунски пазар, а оттаму се носеле низ разни краишта на Отоманската империја. Со години, учесниците на регатата предупредуваат на деградацијата на Вардар низ Македонија поради сепарациите за песок, неконтролираното излевање отпадни води, црпењето вода за наводнување, дивите депонии и многу друго. Патувањето до Солун оваа година на гемиџиите, раскажува Гушев, им овозможила да видат една сосема поинаква слика на Вардар од јужната страна на границата, или на Аксиос, како што таму се нарекува.
„Вардар и Аксиос, тоа се буквално две различни реки. Вардар во Македонија е умрена река, а Аксиос во Грција е жива река. Законските регулативи се построги во Грција, таму реката е заштитена. И комуналната инфраструктура е подобра, не видовме ниедна канализациска цевка во реката“, вели Гушев.
Во ниеден град во Македонија, Вардар не е дел од животот како во Велес. Реката го сече и Скопје на два дела, слично како и Велес, но главниот град е голем, и на многу скопјани може да им се случи со денови, дури и со недели да не го видат Вардар. Тоа во Велес е речиси невозможно. Тие знаат како мириса Вардар.
„Ние, велешани сме научени да го чувствуваме тој мирис. Но, Вардар веќе не мириса на Вардар во Македонија. Во Грција, повторно го препознавме мирисот на реката“, додава Гушев.
Од север кон југ: ѓубре, сточен отпад, песок, па урнати брегови
Како изгледа пловењето низ Вардар? Прво, објаснува Гушев, тоа воопшто не е едноставно како што изгледа од страна – да се стави чамец во реката и да се заплови. Прво треба одобрение од Капетанијата во Охрид, институција што е надлежна за пловењето и за исправноста на пловилата во целата држава. Потоа треба дозвола од ЕСМ за да се помине низ браната кај Неготино, како и дозвола од Министерството за одбрана за да се преспие на Криволак. Процедури што траат со недели, дури и со месеци. Која е наградата што се добива откако ќе се помине целата процедура?
Извидничкиот одред на Гушев пловел и од Скопје до Велес, не како дел од регатата, туку како посебна активност. Вели дека реката низ главниот град и на излезот е полна со ѓубре. Единствениот дел каде што е почисто и поубаво е Таорската клисура, од Зелениково до железничката станица „Рајко Жинзифов“, пред влезот во Велес. Оттаму почнува патешествието низ проблемите.
„Мислам дека најмалку 70 отсто од канализацијата во Велес оди директно во Вардар“, вели Гушев за почетната станица на традиционалната регата.
Понатаму гледаат дивоградби изградени на самиот брег, од кои исто така се фрла ѓубрето директно во реката, а потоа следува реонот на Градско, познат по сточарството.
„Од стоката има премногу загадување. Исто така, и во демиркапискиот дел има многу стока, и има страшни еколошки нарушувања“, вели Гушев.
Убедливо најголемиот проблем, според него, се сепарациите за песок.
„Кај нас тие се ужасно безобразни! Ја преградуваат реката да направат пристап за механизацијата и директно копаат песок од реката. Тоа не смее. На тој начин го подигнуваат целото ѓубре што се наталожило 50, 100 години. Го нарушуваат целиот биодиверзитет“, додава тој.
Сепарациите го менуваат текот на реката, а кога тој ќе се измени на едно место, потоа водата удира во бреговите од поинаков агол, подиректно, и ги урива. Поради тоа, како што патуваат појужно, ја гледаат деградацијата што се случува поради нарушениот тек.
„Плантажите со лозје се поткопани. Ако некоја парцела порано била два декари, сега е декар. Паѓаат цели лозови насади и столпчиња во реката. Кога сепарацијата прави брег на едната страна, Вардар оди на другата. И како што удира во другиот брег, го урива. Цели имоти се изедени“, вели Гушев. Пред Гевгелија, кај Миравци, забележуваат уште еден проблем. Големи количества вода се црпат од реката заради ладење на оранжериите. „Многу вода влечат и тоа прави проблеми на коритото. Во еден дел тоа останува празно. А кога е празно, се урива. Се суши и паѓа“, раскажува гемиџијата.
Најдени осум трупови за 14 години
Во обид да долови колку низ македонскиот дел на Вардар може да се најде сѐ, освен чиста река во природен баланс и со здрав екосистем, Гушев често нагласува како на 14-те годишни регати досега нашле осум човечки трупови во реката.
„Најчесто тоа се во некои вирови што ги прави Вардар, и тука се вртат цело време, заедно со пластични шишиња, со умрени коњи, свињи, магариња… Сѐ има таму, сѐ може да се види“, вели тој.
Никогаш не дознале кои се луѓето што ја имале несреќата да завршат скриени во некој вир низ реката. Кога ќе пријавеле, потоа полицијата и другите служби доаѓале да вршат истрага, им давале фотоалбуми со исчезнати луѓе за да се обидат да ги препознаат, но безуспешно. Најчесто телата биле во напредна фаза на распаѓање и биле непрепознатливи.
„Сме наоѓале и без рака, и без нога, и без глава. Никогаш не сме нашле нормална човечка фигура. Има делови што се изедени, рибари кажуваат можеби од сомови или од друго“, додава тој.
Процедурите траат долго, додека дојдат претставници од сите надлежни институции на местото за да го испитаат телото, и понекогаш им го изместувале распоредот на регатата. Но, вели Гушев, човечки е да се пријави.
Аксиос – сосема поинакво искуство
За да ја организираат регатата сѐ до Солун, велешани побарале поддршка од солунските извидници, бидејќи за таква меѓународна активност им бил потребен грчки партнер. Без разлика на сложените политички односи меѓу двете земји, дополнително усложнети по промената на власта во Скопје, извидниците веднаш им излегле во пресрет. Им ги обезбедиле сите потребни документи од грчките институции, а различни извиднички одреди ги придружувале по копно. Не пловеле годинава со нив поради други обврски.
„Тоа беа млади деца, сфатив дека политиката не ги оптоварува. Ни рекоа дека ова е многу убава приказна што им се надополнува на нивната прослава – 110 години скаутизам во Солун“, вели Гушев. Бидејќи нема граничен премин во самата река, пловењето кон Солун морало да го прекинат пред Гевгелија, да се качат во автобус, да ја натоварат целата опрема, па повторно да запловат кај Евзони. Низ Грција имале три етапи – до Акропотамис, Ксалатра и до црквата „Свети Никола“ пред Солун, каде што традиционално завршувале трговските патувања на старите гемиџии.
Испловените 90 километри низ Грција биле сосема спротивно искуство. Таму, вели, реката станува сѐ почиста, како што се оди појужно, и завршува во познатата делта на Вардар, или делта Аксиос, национален парк од 2009 година, дел од европската мрежа на заштитени подрачја Натура 2000. Се смета за едно од најзначајните локалитети за биодиверзитетот во Грција, како место каде што се гнездат или поминуваат 300 видови птици. А каде што се собираат птиците, тоа значи дека има и храна за нив, и храна за нивната храна, и цел еден богат екосистем.
Сето тоа постои во водата, во која се влеваат скопските и велешките канализации, сточниот отпад од Градско и еден куп пластика низ целиот тек на Вардар.
„Не знам каде завршува целото тоа ѓубре. Не ми е јасно. Но, таму не видовме ѓубре. Не видовме ни сепарации“, вели Гушев, додавајќи дека во Грција имало различна технологија на вадење песок од реката – наместо копање со градежни машини среде речното корито, црпење со цевки, при што водата се враќала назад, а останувал само песокот.
Во најава – изложба на деградацијата
Жално е чувството да се гледа Вардар секоја година различен, сѐ полош и полош, вели Гушев. Некои места што претходните години ги обележале за застанување и за одмор, годинава ги немало, поради деградацијата.
Повеќепати се обиделе да ги пријават проблемите до институциите, пред сѐ до Министерството за животна средина, но не нашле никаков одговор. Во иницијативите им помагал и поранешниот градоначалник на Велес, Горан Петров, но безуспешно.
„Не сакаа да се оптоваруваат. А мислам дека сакаа и да ги заштитат стопанствениците на сепарациите“, вели тој.
Организирањето на вардарската регата досега чинело од 80 илјади денари за еднодневното пловење среде ковид-кризата (колку да се одржи традицијата, вели Гушев) до 520 илјади денари, колку што бил буџетот за годинешното пловење до Солун. Парите се обезбедуваат од Општина Велес, приватни стопанственици и од спонзори. Гушев вели дека за следната година имаат најави за поголема помош и дека било можно во активноста да се вклучи и Европската Унија.
„Ако се обезбедат повеќе пари, јас ќе направам поинаква приказна. Тогаш ќе се плови од Гостивар до Солун. Ќе ги сликаме и ќе ги маркираме сите деградации. Ќе направиме една фотоизложба за народот да види. Ќе ги поканиме сите институции и ќе им кажеме – тука имате ова, таму имате тоа. А понатаму – повелете, решавајте го проблемот“, вели Гушев.
Со оваа најава заврши нашиот разговор во просториите на извидничкиот одред, веднаш на брегот на Вардар. Тука ги чуваат и чамците, и целата опрема. И од тука секој ден го гледаат Вардар и ги забележуваат неговите промени.
Автор: Гоце Трпковски Објавено на 05 август 2024