„Министерството не донесе решение за рестарт на Топилницата”. Вака денеска министерот за животна средина Абдулаким Адеми ги уверуваше велешани. На средбата со Зелената коалиција, Oдборот за спас на Велес , министерот Адеми вети дека јавно и транспарентно ќе ги донесуваат сите одлуки во врска со Топилницата. Во идните постапки ќе биле вклучени невладините и граѓаните на Велес. На забелешките на „зелените“ дека во решението нема наведено алтернативна локација, тој одговори дека се додека не ја добијат комплетната студија за оценка на влијанието на животната средина, не можат да бараат алтернативна локација, ниту пак да му кажат на инвеститорот што да прави.
„За секоја постапка, за секоја одлука што ќе ја донесеме во врска со Топилницата ќе биде информирана Владата. Нема да дозволиме да се повтори историската грешка во Велес, рече министерот Абдулаким Адеми. Општината, зелените и граѓаните и понатаму будно ќе ги следат сите постапки на министерството и на Метрудхем. „За сите документи, решенија и одлуки што ќе бидат донесени во врска со Топилницата бараме да бидеме информирани. Ние и понатаму будно ќе ја следиме секоја постапка како на министерството така и на Метрудхем”, рече градоначалникот на Велес, Горан Петров. Министерот Адеми информираше дека тендерот за отстранувањето на згурата од депонијата, распишан минатата година, поради незаинтересираност, е поништен. Најави дека годинава министерството повторно ќе распише тендер со цел овој загадувач да биде одстранет. Во рамките на делегацијата на Зелената коалиција, учество зема и старешината на извидничкиот одред “Димитар Влахов“, Ангелче Гушев.
Превземено од www.lisica.mk