САД и амбасадорот Пол Волерс ги поддржуваат велешани во борбата против рестартот на Топилницата. „ Желбата секогаш е да има вработување, здрава економија, луѓето да имаат работа, но тие треба да работат во здрава животна средина, а не на сметка на уништувањето на здравјето на децата“, вели Пол Волерс, амбасадор на САД во Македонија. Оваа изјава амбасадорот Волерс ја даде откако денеска при првата посета на Велес, на негова иницијатива, се сретна со Зелената коалиција. „Многу значајно за нас е што претставникот на најдемократската земја во светот и даде поддршка на Зелената коалиција и на градот Велес“, рече д-р Ненад Коциќ, Зелена коалиција на Велес. Американскиот амбасадор искажал воодушевување за еколошката свест на велешани и за организираноста да спречат ново загадување на градот од Топилницата. „Тој рече за првпат откако сум во Македонија сретнав организирана и најквалитетна група на граѓани кои знаат како да настапат и да го променат ставот на Владата во државата“, дополни Ангелче Гушев, Зелена коалиција на Велес. Изненаден што досега од него и од САД велешани не побарале помош амбасадорот Волерс ги понудил својот авторитет и лобирање. Денеска негов домаќин беше градоначалникот Горан Петров кој го запознал со историските културните и економски предности на Велес. Амбасадорот Волерс ја посети и првата американската населба што во градот ја гради НВО Хабитат, засега како единствената американска инвестиција во Велес.
Убавка Јаневска
Превземено од www.kanal5.com.mk