Членовите на извидничкиот одред „Димитар Влахов“ пред 10 години ја создадоа првата извидничка химна, химната на Велешките извидници. Ја создадоа така што членот на одредот Бојан Миклош го напиша текстот на музика на Маршот на 8 – мата велешка бригада. Химната на најстариот македонски извиднички одред беше промовирана на завршната свеченост по повод јубилејот 60 години извидништво во Велес. Вокалната изведба на химната е на Ненад Миклош, Емилија Мурџева и Марија Мијакова. Извидничката химна беше снимена во студиото на 5 ФМ Радио. Тонски продуцент беше Оливер Тевчев.
„Над Велес знаме се вее“ беше ставена на носач на звук заедно со химната на Сојузот на Извидници на Македонија. На промоцијата старешината на одредот Ангелче Гушев истакна дека музиката на првата градска извидничка химна во Македонија е добро позната на велешани бидејки со неа со децении почнуваше и завршуваше програмата на сега веќе згаснатото локално радио Велес.
Како најстара младинска организација во Македонија извидничкиот одред секогаш сака да воведе иновации во работење со што ќе изврши и создавање на јак младински бренд во Велес , а со што и Општината Велес ќе се препознава и гордее. Затоа решивме да создадеме градска извидничка химна. Додека во изминатите години го слушавме локалното Радио Велес се сеќаваме како започнуваше неговата програма со маршот со кој беше ослободен град Велес. Градот се гордееше со интонирањето на тој марш напишан од основачот на нижото музичко училиште нашиот сограѓанин ,Иван Николов – Танго. На истата музика ја создадовме и градската извидничка химна “Над Велес знаме се вее, рече Гушев.
Извидничката хина е поставена на официјалниот сајт на извиднички одред “Димитар Влахов“ од Велес и секој може да ја слушне во нејзината права изведба.