Со доброволни прилози против државата

Зелената коалиција реши сама, без општината, ќе собира пари за судскиот процес во кој Велес ја тужи државата за 30-годишното загадување од топилницата. Утре, на светскиот ден на животната средина, преку 12-часовна програма на локалното радио 5 ФМ, продажба на маркици низ велешките улици и добротворни прилози, невладините ќе се обидат да соберат илјада и петстотини евра, колку што чини вештачењето на загадената почва.
Ова се случува откако општината најави дека ќе плати само една осмина од трошоците на спорот.
„Уште кога ја конципиравме тужбата, на чело со господинот Коцевски, како градоначалник, тужбата беше конципирана дека општината Велес ја тужи Република Македонија, со поддршка на седум здруженија на граѓани“, рече Ангелче Гушев – Зелена коалиција.

Зелените и се лути на општината. Сметаат дека ги остава Велешани на цедило. Потсетија дека во општинската каса се слеаа 50 илјади евра од продажбата на топилницата и дека тие пари треба да се наменат за судскиот спор, со кој ќе се докаже загадувањето.
„Република Македонија никогаш не го призна загадувањето на Велес. Од 1973 до 2003 година, триесет години се боревме во докажување на она што беше наша реалност“, вели Ненад Коциќ – Зелена коалиција.
Вештачењето на загадената почва е еден од крунските докази во спорот. Рокот за плаќање е уште седум дена. Во меѓувреме од општината се уште молчат.
Нема одговор на барањето на невладините за итна седница на општинскиот совет, не функционира ниту одборот за спас на Велес. Зелените признаваат дека постојано имаат притисок од градските власти да се откажат од идејата за собирање пари.
 
 
Превземено од www.a1.com.mk

Напишете коментар

Вашата е-маил адреса нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени *

*

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.