Велес против Република Македонија !

Судијката Билјана Јачева денеска на општо задоволство на сите присутни  во судницата на Општинскиот суд во Велес, го одложи за 10 септември предметот вреден 1.500.000.000 денари во кој Велес преку општината и Зелената Коалиција ја тужи Република Македонија  за историска одговорност и за повеќе децениското загадување од работата на Топилницата.

Толку чини оштетата која ја бараат членовите на зелената коалиција и општината Велес преку надлежниот Општински суд. На денешното судско рочиште беа присутни сите членови на зелената коалиција заедно со дел од адвокатскиот тим кој ги застапува во спорот, овластениот претставник од општина Велес и јавниот правобранител задолжен за заштита на интересите на државата. Тужителите преку својот правен застапник побараа одложување на судската расправа поради обемноста на предметот и заради дополнително запознавање со материјата, а претставникот од општина Велес одложувањето  го образложи со можноста за вонсудска спогодба помеѓу двете засегнати страни. Претставниците од Зелената коалиција категорично ја отфрлаат секоја можност за вонсудска спогодба и инсистираат на судска разрешница. Судијката Јачева на крајот од рочиштето побара од тужителите допрецизирање на тужбеното барање во рок од 15 дена закажувајќи го следното за Септември. Најголемиот спор во историјата на Велес досега, продолжува со неизвесен тек и со многу непознаници, додека само на неколку стотици метри од локацијата на општинскиот суд, на местото на топилницата, некои повторно се обидуваат да пишуваат историја на црни страници занемарувајќи ги сизифовските и човечки  обиди на една група луѓе да ја слават победата на животот наспроти неговата најужасна алтернатива која сакаат да ја промовираат луѓе кои одамна се оперирани од елементарниот човеков квалитет – чувствата, и на кои им е одамна ампутиран моралот.
 
 
Превземено од www.velesnews.mk

Напишете коментар

Вашата е-маил адреса нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени *

*

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.