8 Септември – Ден на независноста

Граѓани и граѓанки на Македонија дозволете вечерва на вас и на сите граѓани и граѓанки на Македонија, да ви ја честитам слободна, суверена и самостојна Македонија“.
Со овие зборови пред 18 години тогашниот претседател на Република Македонија Киро Глигоров се обрати пред граѓаните кои спонтано се собираа на плоштадот „Македонија“ за да го прослават успешно спроведениот референдум на кој македонските граѓани се изјаснија за самостојна и суверена држава.
Денес се одбележуваат 18 години од судбоносното "да" на референдумот одржан на 8 септември 1991.Убедливо мнозинство над 95 отсто од граѓаните што излегоа на референдумот на 8 септември 1991 година позитивно одговорија на референдумско прашање – Дали сте за самостојна Македонија со право да стапи во иден сојуз на суверени држави на Југославија.

На референдумот му предходеше Декларација за независност што првиот повеќепартиски македонски Парламент ја усвои на 25 јануари 1991 година. Формално волјата на народот за самостојна држава беше потврдена со Декларација за прифаќање на референдумските резултати на 18 септември 1991 во Собранието на Република Македонија.
Следен важен чекор во зацврстувањето на државата беше усвојувањето на новиот Устав на 17 ноември 1991 година. Сенка врз настаните со кои се поставија темелите на самостојна Македонија фрли бојкотот на референдумот од страна на дел од албанската етничка заедница и неподдржувањето на на новиот Устав од пратениците Албанци. Десет години подоцна Уставот беше надополнет по конфликтот во 2001 и потпишувањето на Рамковниот договор.
Државноста на Македонија прва ја призна Република Бугарија, по што следуваа признавања и од Турција, Словенија, Хрватска, Русија, Босна и Херцеговина…
Меѓународно-правниот субјективитет на државата дефинитивно беше потврден на 8 април 1993 година кога со акламација во Генералното собрание на Обединетите нации, Македонија беше примена за 181 полноправна членка на Светската организација. Сепак, поради противењето и притисоците на Грција, која не го прифаќа нашето уставно име, зачленувањето во ОН беше направено под привремената референца Поранешна југословенска Република Македонија. Преговорите за надминување на спорот со името се уште се водат под покровителство на ОН.
Македонија досега има воспоставено дипломатски односи со 158 држави во светот, а под уставното име е признаена од 117 меѓу кои и три од постојаните членки на Советот за безбедност на ОН – САД, Русија и Кина.
Во изминатите 18 години самостојно живеење македонската држава мина низ низа проблеми и тешкотии. Трицифрената инфлација на почетокот на 90-те години, грчкото ембарго, косовската бегалска криза и конфликтот во 2001 година беа вистински предизвици и закани за младата македонска држава што го забавија нејзиниот пат кон остварувањето на стратегиските цели – зацврстување на демократијата и интеграција во евроатлантските структури. Последниве години ги одбележа процесот на прилагодување на законодавството кон легислативата на Европската унија, децентрализација на власта, реформите во одбраната.
Народот гласаше едногласно за независна и економски моќна Македонија пред осумнаесет години, освен желбата за независност, граѓаните го дадоа своето речиси едногласно (97,9 отсто) „да“ и за поквалитетна економија, подобар стандард, побрз развој, поудобна живејачка,се постигнаа успеси и на тој план ,патот е тежок,долг и спор но вазно е дека одиме по правиот пат.
Денес на градскиот плоштад во Скопје ќе биде одржана централна прослава за 18 години независнот на Република Македонија.
Да ни е вечна нашата Македонија !!Честит празник Македонци каде и да сте!

Напишете коментар

Вашата е-маил адреса нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени *

*

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.