На покана од Фондацијата за развој на локалната заедница Штип во рамките на проектот „Силни граѓански организации за позитивни социјални промени“, старешината на извиднички одред “Димитар Влахов“ – Велес, м-р Ангелче Гушев зема учество на отворен настан – дискусија на тема “Транспарентност во финансирањето на граѓанските организации од општинските буџети “. Настанот се одржа на 20ти декември (четврток) во хотел „Романтик“ во Велес. Целта на овој настан беше да се согледаат трендовите во практикување на транспарентноста од локалните власти и да се поттикнат граѓаните и граѓанските здруженија на активен пристап во зголемување на отчетноста. На настанот беа презентирани практики и споделени искуства во делувањето на граѓанскиот сектор во поттикнување на транспарентноста и отчетноста кај општините од Вардарскиот и Пелагонискиот плански регион, посебно во насока на финансиската поддршка која ја обезбедува општината за граѓанските организации.