Делегација на извидничкиот одред “Димитар Влахов“ од Велес во состав Тони Јошевски, Владимир Ивановски и м-р Ангелче Гушев на 24.02.2024 год. (сабота) положија свежо цвеќе на гробот на Панко Брашнаров на Мирогој во Загреб.
Оваа посета беше дел од програмските активности на извидничкиот одред “Димитар Влахов“ во рамките на прославата на 22 февруари – Светскиот ден на извидништвото “World Thinking Day” – Денот на сеќавањето.
Со оваа посета членовите на извидничкиот одред “Димитар Влахов“ од Велес докажуваат дека се грижат за историјата на својот Велес и големите личности кои се родени и твореле во нашиот град.
Брашнаров е уапсен на 11 декември 1950 година и на 29 јуни 1951 е осуден на „општествено полезна работа во траење од 24 месеци.“ Во првите денови од јули е испратен во логорот на Голи Оток, каде што набрзо, на 13 јули, умира.
60 години не се знаеше каде се погребани неговите посмртни останки. Во септември 2011 година, новинарска екипа на емисијата КОД, составена од новинарите Владимир Тевчев и Александар Кукулев и снимателот Данчо Стефков успеа да го пронајде гробот на Панко Брашнаров. Закопан е на градските гробишта Мирогој во Загреб. Неговите посмртни остатоци доживеале две есхумации. Во 1953, две години по неговата смрт на Голи оток, тој е погребан на загребските гробишта. Во 1971 година е есхумиран во заедничка гробница, во близина на првото гробно место, а во почетокот на осумдесеттите, неговите коски, заедно со коските на уште неколкумина негови современици се преместени на необележана гробна парцела, на крајот на гробиштата.По објавувањето на телевизиската сторија на Канал 5 Телевизија, државата најави враќање на посмртните остатоци на Панко Брашнаров во Македонија.
Во мај 1944 година преминува на слободна територија и станува член на Иницијативниот одбор за свикување на АСНОМ. Како најстар делегат го отвора Првото заседание на АСНОМ. На него е избран за потпретседател на Президиумот на АСНОМ. На 6 август е избран за повереник за информации во Президиумот на АСНОМ.
Говор на Панко Брашнаров на АСНОМ
Другарки и другари народни претставители,
Во овој момент, во ова историско место „Св. Отец Прохор Пчињски“ и на овој историски ден – ИЛИНДЕН -, кога објавуваме да е отворено Првото антифашистичко собрание на народното ослободуење на Македонија, душата ми е преполнета со радост и пред премрежните очи гледам како се раздвижиле сите реки од Пчиња и Вардар до Места и Бистрица, заплускујат е целата македонска земја, сакајќи да измијат од македонскиот народ десетвековниот ропски срам од пропаста на Самуиловата држава, за да се роди денеска нова, светла и слободна македонска држава. Во овој момент, земјата на нашите покојници – многубројни народни герои, паднали и посејали коските си по цела Македонија, им станује по лека и они во мир веќе го гледат изгревот на нашата слобода, гледат идеалната дружба на старите Илинденци – на Гоце Делчев и денешните Илинденци – младата македонска војска, и поставените темели за остварението на идеалот на две поколенија, на две епохи – слободна, обединета Македонија…