Најстариот извиднички одред во Македонија, ,,Димитар Влахов,, од Велес на 30.3.2013 година (сабота) во салата Бели Мугри го одбележа јубилејот 60 години од постоењето и работата. На свечената академија многу гости, тоа беше ретка можност да се соберат, сегашните и некогашните извидници, младоста и ветераните на извидништвото не само од Велес, туку и од цела Македонија. Навраќање на спомените, на другарувањето, на настани преплетени во годините, сега да се раскажат во неколку минутната средба. На Свечената академија на која што учествуваа голем број на одреди од Република Македонија во свечениот дел се обратија: Жико Пановски во името на основачите на одредот, Јордан Бајрактаров во името на Светската скаутска организација, Огенен Стефановски во името на СИМ и старешината на одредот Ангелче Гушев во целост го престави се она што беше направено за 60 години активно работење на извиднички одред “Димитар Влахов“ – Велес.
Бев седмо одделение кога се формира одредот и се приклучив. Имавме поддршка од целиот град, од претпријатија. Основачи беа професорот по
фискултура Перо Петров и Тошо Гравчев, сега и двајцата се покојни . Бевме многу активи, се собиравме, се договаравме, патувавме, се дружевме, бевме препознатливи – вели Тихо Перков еден од првите членови на одредот. Средби со ветераните, но и со младите и делење на совети како да се работи, како да се победи на натпреварувањето. Одредот имал и растежи и падови, успеси и разочарувања, но се воскреснувал, го кревале на нозе, ги премостувале проблемите. Велешкиот одред го сочинуваат седум генерации сограѓани за овие шест децении. Имало и растежи и падови. Ние ја создававме историјата на Велес. Помагавме кога треба, градевме, учествувавме во животот на градот. Учествувавме во пребарување за изгубени деца, гасевме пожари. Јас сум извидник од десет годишна возраст и велам тоа е моја определба за навек. Бевме најдобри во Македонија отсекогаш, иако скопјани не не признаваа, ама докажавме кој е кој – објаснува Жико Пановски кој е извидник од 1958-та година, започнал во Куманово,
каде живеел а во Велес е член од 1973-та.
Колку се чудни животните патишта, зборува што што неговиот син Зоран кој е исто извидник, при посеа на Бачка Топола во Војводина, се запознал со извидник, син на пријател на татко му. Тие двајцата пред 30 и кусур години другарува,е сега тоа пријателство го продолжуваат помладите. Се зачленив во одредот во време кога тој беше замрен, немаше активности и заедно со Жико тргнавме во негова обнова. Одевме по училишта, средни, основни да се оживее извидништвото во Велес. Бевме желни за патување, за дружење, за пријателства. Бевме посветени и приврзани на одредот и филозофијата на извидниците – вели Кочо Јованов еден од постарите членови, кој е во одредот од 73-та година. Тој дома и по толку години го чува извидничкото одело. Како спомен на една младост, на едно убаво време. Извидништвото има повеќе вештини, од палење на оган, преку курири, учење на Морзеова азбука, сигнализација со знаменца, ориентациони натпревари со читање на мапа и бусола на непознати терени. Сето тоа го знае секој извидник. Низ одредот минале 35 илјади велешани, меѓу нив имало и жени, сите тие оставиле свој печат.
Јас со извидниците остарев а тие со мене пораснаа. Многу ми се драги, ги сакам како свои Со години им го водев книговодството на децата. Тие немаа сметководител, јас работев во синдикат и така почна нашата децениска соработка. Кога им требаа пари, ќе отидев кај претседателот со напишан налог, ќе му дадам да потпише и тој секогаш се лутеше, аман бе Живка овие твои извидници на наш грб се. Му одговарав, ова се наши деца, мои твои, на сите, дај помагај. Ама затоа кога ќе се вратеа со освоена награда од подрачјето на Југославија, тој прв се гордееше и се радуваше – ја открива тајната за финансирањето Живка Илиевска, кај извидниците позната како тетка Живка.
Таа за толку години соработка со нив не земала ниту денар и затоа беше почесен гостин на прославата. Среќна и горда, што по толку време се виде со подзаборавените ликови на луѓе, кои сега се убав спомен во пожолтените фотографии. Останаа беспрекорно убави спомени, тоа се најубавите моменти од животот. Од мали нозе сум таму. Извидничката организација е местото каде младите, кои ги дели крстопатот, да го фатат вистинскиот, подобриот пат, членувајќи во неа. Пријателството во ова движење е незаборавно, останува човештилакот и убавината. И сега кога ќе се сретнеме има многу емоции, бидејќи таму созревавме и ги знаме сите наши тајни и како деца и како млади – Ване Чоншов, постар извидник кој веќе навлегол во седмата деценија од животот.
Во Македонија има околу илјада извидници во 15 активни одреди, додека во светот се 35 милиони но таму се именуваат скаути, во 160 држави. Меѓу извидниците во Велес и познати имиња, како докторот ортопед Кире Марковски, директорката на ОУ ,,Џинот,, Фиданка Ивановска, активистот за социјална права правникот Димче Апасиев, кандидатот за градоначалник Славчо Чадиев, јавниот обвинител Ивица Ефремов.
Денешната средба покажа колку душата а и срцето ни се исполнуваат кога повторно се сретнуваме и присетуваме на убавите моменти од заедничкото дружење и живеење. Тоа беше период на една друга држава Југославија, кога имаше братство и единство а дружењето беше најважно. Тоа беше главниот мотив, што цели генерации влеговме во извидниците. Пријателствата останаа вечни – вели Ефремов кој го помни и датумот кога влегол во ИО, 15-ти јануари 1974-та година. Сегашните генерации пак се горди што заедно со останатите велешани беа и се дел од единствената ,,Зелена револуција, против рестартот на велешката Топилница. Тие го имаат својот Извиднички центар во селото Голозинци, каде остваруваат дел од своите активности. Повеќе фотографии на следниот линк: https://www.facebook.com/media/set/?set=a.10200350612621324.1073741825.1035041191&type=3