ИЦ Голозинци

Извиднички центар “Голозинци”
Во април 1997 година извидничкиот одред “Димитар Влахов”  за остварување на сопствените програмски активности го формираше извидничкиот центар “Голозинци” во истоименото село, кои што се наоѓа во централна Македонија или 20 километри југозападно од Велес во општината Чашка.
Истиот комуникациски е поврзан со автобуски и железнички превоз.
Извидничкиот центар располага со цврст објект со 50 легла, кујна, трпезарија, санитарен чвор и уреден логорски простор за 50 шатори.
Центарот за своите потреби располагa со современа опрема (ТВ, озвучување, компјутер) кои што се користи за програмските активности и организирањето на културно забавната програма.
Може да се каже дека центарот е место за забава и обука на извидниците од Македонија и пошироко.
Сакаме да нагласиме дека присуство на извидничкиот одред Димитар Влахов на терените на општина Чашка, голем дел од населените места како што се Голозинци, Лисиче, Еловец и населба Чашка имаат и економски придобивки од присуството на големиот број на извидници од Македонија и надвор од неа.

Општина Чашка

Општина Чашка се наоѓа во срадишниот дел на Република Македонија. Зафаќа површина од 825км2 и се вбројува во една од поголемите општини во Македонија. Истата е рурална општина со добра географска положба. Општината располага со вкупна обработлива земјоделска површина од 476.00км2 и 48.97км2 под пасишта. Соседни општина со кои се граничи општината се од исток со Велес и Градско, од север со Зелениково и Студеничани, од запад со Македонски Брод и Долнени и на јужноит дел со Прилеп и Кавадарци. Според последните податоци од Заводот за статистика на територијата на општината живеат вкупно 7673 жители во 42 населени места. Густината на населеност е 6 жители на км2. Општина Чашка има добра географска положба. Ги поседува најубавите и атрактивни предели на планините Јакупица,Даутица и Бабуна од запад, Клепа од исток, Караџица и Голешница од севоро-запад. На територијата на општината е и највисокиот врв на Јакупица, Солунска Глава (2539м). Целата таа атрактивност на пределот го дополнуваат и реките Бабуна и Тополка. По течението на овие реки се простира алувијална рамнина настаната како резултат на наносите на реките која е многу плодна.Покрај реките Бабуна и Тополка како природен ресурс е и новоизградената брана Лисиче. Климатските карактеристики на општината се доста различни. Високите планини преку целата година се покриени со снег додека во рамничарскиот дел во летниот период владее несносна висока температура. Климата е континентална со мало влијание на суб-медитеранска, која продира по долината на реката Тополка.Врнежите се мали претежно во есенските и зимски денови, а летата се топли и суви. Ветрови се јавуваат од сите правци, меѓутоа преовладуваат од северен и северозападен правец.

НАСЕЛБА ЧАШКА (седиште на општината) Главното населено место, кое во последните педесетина години го диктирало ритамот на економскиот и политичкиот живот во општината, била населбата Чашка. Населбата е фомирана пред II светска војна, поточно по изградбата и пуштањето на железничката линија Велес-Битола во 1936 година. Тогаш била изградена железничката станица, која името го добила по најблиското село-Чашка, по што следела изградба на неколку куќи за железничкиот персонал и бакалница. Развојот на населбата продолжил и во 1937 со изградба на мала туларница, што било причина за доселување на првите работнички семејства. Населбата во тој период била позната под името Гара Чашка. Поголем развој доживува по 1948 година, поточно во 1954 година, кога седиштето на тогашната општинска управа е преселено од селото Чашка во населбата. Населбата добила белези на урбанизиран предел и почнала да привлекува се повеќе нови жители. Во годините што следеле, биле изградени новата фабрика за тули, поштата, основното училиште, милиционерската станица, здравствената станица итн. Кога се зборува за туларницата неможе, а да не се спомене сега веќе непостојниот 30 метарски оџак, симбол и препознатлив белег на населбата се до 1976 година, кој денес е зачуван на грбот на денешната општина Чашка. Со укинувањето на општина Чашка во 1965 година, засилениот тренд на развој на населбата спласнува и се поголем број на жители започнале масовно да се селат во Велес, Скопје и Битола. Денес населба Чашка добива современ градски изглед. Покрај уредениот плоштад и поплочувањето на улиците, се планираат и други партерни уредувања, изградба на спортско-рекреативен центар, детски забавен центар и други зафати, се со цел да се подигне квалитетот на живеење, во согласност со барањата и потребите на современите животни стандарди. Во 2001 година осветена е црквата Св.Климент Охридски која е гордост на сите граѓани на населбата Чашка. Локалните власти, со активности, се движат во насока на понатамошен развој и создавање на услови со кои населбата ќе стане атрактивно место за живеење.